Случај “Трезор”

0
589

Тројца функционери во УБК и еден од МВР преку низа договори и анекси за набавка на опрема за шпионирање и нејзино одржување го оштетиле државниот буџет за 860 000 евра.

Злоупотребата почнала од 2010 година кога првите тројца осомничени заминале во Велика Британија каде што договориле набавка на опремата.  Но, наместо директно да биде склучен договор со британската фирма, се јавува фирма посредник- Финзи ДООЕЛ Скопје, преку која увозот бил фактуриран  за неколкукратно повисока сума. Потоа дале задача на сведок на СЈО кој исто така бил вработен во МВР да спроведе постапка за набавка, но без да го примени законот за јавни набавки.
„Според доказите произлезе основано сомнение дека откако правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје извршило увоз на опремата од правното лице од Велика Британија и од страна на тоа правно лице со увозот биле доставени и фактурите за опремата до Финзи, на вкупен износ од 89.322.845,00 денари или 1.452.403 евра, истата опрема ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, ја префактурирала спрема МВР, на вкупен износ од 124.293.233,00 денари со ДДВ или 2.021.028 евра, и така ја препродала опремата на МВР на РМ.“ – објасни Фатиме Фетаи.
Потребата од нова опрема за следење на комуникациите продолжила и следната, 2011 година и нов анекс кој бил склучен со новиот управител и сега починат сведок на СЈО -Коста Крпач. Наредната 2012 бил склучен уште еден анекс на договорот, за набавка на подвижен видео надзор. Иако вредноста била околу 3 ипол милиони денари, МВР исплатило износ од 17 ипол милиони денари, или 215 000 евра повеќе. Злоупотребата на буџетски средства продолжила со нови барања, за одржување на опремата иако била нефункционална и застарена. Последниот договор за сервисирање е склучен со Коста Крпач во март.
„Инаку од доказите произлегува дека книговодствено оваа опрема во МВР е евидентирана со вредност од 1 денар, а договорот за одржување е на приближно 30.000 евра месечно.  Од доказите произлезе дека врз основа на овој договор МВР се обврзува на ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје да му исплаќа авансен месечен паушал, по претходно доставена месечна про-фактура во износ од по 1.947.500,00 денари без ДДВ, со вкупна вредност на договорот од 46.740.000,00 денари без ДДВ.“ – додаде Фетаи.