Случајно протекоа лични податоци на речиси 200 милиони граѓани

0
621

„Преземаме целосна одговорност за оваа ситуација. Врз основа на информациите што ги добивме, веруваме дека нашите системи не се хакирани”, рече за веб-сајтот Гизмодо, основачот на Дип рут аналитикс Алекс Ландри.

Маркетиншката фирма што ја ангажираше Републиканскиот национален комитет случајно објави чувствителни лични податоци за речиси 200 милиони граѓани на САД.

Количински, околу 1,1 терабајт податоци се објавени, а меѓу нив може да се најдат датуми на раѓање, адреси, телефонски броеви, политичка и верска определеност на речиси 62 проценти од целото население на САД.

На податоците можело да им се пристапи преку Амазон клауд серверот, доколку поединецот имал линк до овој сајт, според Би-би-си.

Огромното количество на податоци ги пронашол аналитичарот за сајбер ризик, Крис Викери од компанијата Апгард.

Според се, информациите се собирале од повеќе извори, од пораки на форуми „Редит“ до комитетот што собирал средства за Републиканската партија.

Собраните информации внесени се во табели и се закачени на сервер во сопственост на Дип рут аналитикс, а последен пат биле ажурирани во јануари, кога била инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД, изјави Би-би-си.

Не е познато колку долго информациите биле достапни на интернет.

Покрај личните детали, меѓу податоците можело да се најде и веројатната верска ориентација на граѓаните, етничката припадност и политичкото определување, вклучувајќи ги и нивните ставови за контроверзни теми како што се контрола на оружјето, правото на абортус и истражувањето на матични клетки.

Иако е познато дека политичките партии редовно собираат податоци за гласачите, ова е најголемо протекување на информации во САД до денес и експертите за приватност се загрижени за количината и размерот на собраните информациите, објави Би-би-си.

„Ова е многу загрижувачко. Овие не се само чувствителни, туку и интимни податоци, меѓу кои може да се најдат предвидувања за човековото однесување, ставови и уверувања што луѓето никогаш не се одлучни да ги кажат на некого“, изјави официјално лице од Прајваси Интернешенел Фредерике Калтхојнер за Би-би-си.

www.mkd.mk