Снимка од Палестинки како тепаат војник кликната над 2 милиони пати

0
234

Видео-снимката на која се гледа како неколку Палестинки се тепаат со војник, кој се обидува да уапси момче, била погледната над два милиони пати на Фејсбук.
На снимката, која фрла светлина врз израелската воена политика во окупираните палестински територии, маскиран војник држи дванаесетгодишно момче, на кое едната рака му е во гипс, додека роднините на младиот Палестинец, вклучувајќи ги мајка му и сестра му, го влечат за униформата и го удираат.

Петнаесетгодишната сестра го гризе војникот за рака, додека насобраните Палестинци викаат: „Тој е мало момче. Раката му е скршена“.

Војникот се бори најпрво со момчето, а потоа со групата жени, кои му ја тргаат маската од лице, пред неговиот командант да му дојде на помош.

Војникот тогаш го пушта момчето и налутено фрла шок-бомба во групата луѓе додека си заминува. Оригиналната видео снимка, до која стигнале новинари на Асошиејтед прес преку авторот, локалниот активист и роднина на момчето, Билал Тамими, го прикажува истото.

Тамими кажал дека Палестинците фрлале камења врз војниците, но дека не го видел момчето да го прави тоа.

Инцидентот се случил во петокот при протест во селото Неби Салех на Западниот Брег, каде израелските војници и палестинските демонстранти често се судираат.

Жителите на селото тврдат дека блиската еврејска населба им го ограничила пристапот до изворот на вода.

Израелската војска денес соопштила дека немирите се случила за време на протестите и дека војникот сакал да го приведе момчето бидејќи фрлало камења, а дека било пуштено за да се избегне ескалација на насилствата.
www.mkd.mk