Со државни пари ќе се поправа Старата битолска чаршија

0
2022

Министерството за економија го објави огласот за пронаоѓање на фирма што ќе го изработи проектното решение за конзервација, санација и адаптација на излози и натписи на дуќаните на Старата битолска чаршија и на другите чаршии низ земјава (Охридската, Струшката и Скопската).Идниот проект треба да понуди соодветни решенија за излозите, натписите, натстрешниците, ќепенците и зеленилото за дуќаните лоцирани во чаршиите.

Предложените проектни решенија на огласот треба да го сочуваат главниот влез на дуќаните, да ги оформат фасадите со натпис сразмерен на нивната површина, влезот на дуќаните да го оплеменат со зеленило и да предвидат натстрешница во склоп на излогот. Поднесените трудови треба да преферираат квалитетни материјали и оков за излозите, додека нивната конструкција треба да биде од масивно дрво. Врз основа на изготвените решенија, надлежното министерство во наредниот период ќе ја реализира санацијата и адаптацијата на дуќаните.

За изготвување на проектните решенија е проценето дека ќе се потрошат околу 5.000.000 денари. Договорот со најповолниот понудувач ќе биде потпишан во времетраење од 12 месеци. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди до Министерството за економија најдоцна до 15 септември, за кога е закажано и нивното јавно отворање.

Без коментари