Со Јанева не по телефон, со електронска пошта

0
1465

Специјалната обвинителка Катица Јанева денес пред Советот на јавни обвинители на РМ даде свечена изјава, со што и официјално почна да работи на функцијата која за првпат се водедува во Македонија. Заклетвата таа ја положи откако вчера пред полноќ, Советот на вонредна седница ја избра на оваа функција.

“Денеска нема да одговарам на новинарски прашања, туку сакам да му се заблагодарам на Советот за изборот, на политичките партии и меѓународниот фактор, како и на сите кои застанаа зад мене. Денеска седам пред Советот сама, но за еден месец ќе ме видите со тим како ше ги преземам случаите во надлежност на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела кои произлегуваат од прислушувањето и ќе почнеме да работиме”, изјави Јанева по заклетвата.
Јанева побара од новинарите да не è се јавуваат на телефон, бидејќи нема да одговара и да комуницира на тој начин. Таа на медиумите им ја кажа личната маил – адреса, на која побара да è бидат поставувани прашањата.

Јанева ќе има задача да ги гони кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите.

Специјалната обвинителка доаѓа на новата должност од местото обвинител во Основното јавно обвинителство Гевгелија, каде што работеше од 2003-таа година.

Учествувала во повеќе проекти надвор од Македонија за борба против организиран криминал и корупција. Работи и како предавач на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.