Со новиот предлог закон се воведуваат лиценци за занаетчиите

0
1169

Воведување електронски занаетчиски регистар, кој меѓу другото ќе служи и како централна база на податоци, се предвидува во новиот закон за занаетчиство кој е на прво читање во Собранието. Со цел решавање на проблемот со сивата економија, се воведува и занаетчиска дозвола, која што на занатечиите ќе им овозможи да работат под еднакви услови на пазарот и ќе преставува гаранција за квалитет на производите и услугите кои ги нудат вршителите на занаетчиската дејност.
Во новиот предлог закон е воведено и чираштвото, кое овозможува невработено лице да биде ангажирано од страна на работодавач со цел да се стекне со вештини, компетенции и знаења за изучување на определен занает, што досега не било воопшто регулирано. Со титула мајстор можат да се стекнат и физички лица кои се вработени кај вршителот на занаетчиска дејност. Титула мајстор се стекнува согласно Законот за стручно образование и обука, се вели во членот 42 од Предлог-законот.
Во Предлог-законот „Занаетчија“ се дефинира како физичко лице кое врши занаетчиска дејност и е запишан во Занаетчиски регистар, додека пак, „Вршител на занаетчиска дејност“ е занаетчија, трговец поединец друштво со ограничено одговорност и друштво со ограничена одговорност основано од едно лице  кое врши занаетчиска дејност. Се пропишува дека занаетчиите можат да се стекнат со титула мајстор.

Се регулира финансирањето на занаетчиските комори односно согласно законското решение 90% од средствата од извршување на јавните овластувања и коморскиот придонес ќе се прелеат во занаетчиските комори (регионални и општински) додека 10% во Занаетчиската комора на Република Македонија,

Во законското решение се предвидува глоба во износ од 500 евра за прекршок на вршителот на занаетчиска дејност, ако ја врши својата дејност надвор од просториите за работа или ако на видно место не го истакне своето работно време и не се придржува на определеното работно време. За овој прекршок се предвидува глоба во износ од 50 до 75 евра и за занаетчијата.

Глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на вршителот на занаетчиска дејност, ако на видно место не истакне ценовник на своите производи, односно услуги или ако не поседува соодветна документација за набавените стоки и материјали. За овој прекршок предвидена е глоба и за занаетчијата во износ од 100 до 150 евра.