Со рушењето на џамијата Исламска држава го призна поразот

0
1020

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади изјави дека со рушењето на големата Ал нури џамија во Мосул Исламска држава го призна поразот, објави Гардијан.

„Ова е официјално признание на пораз“, рече тој неколку часа откако ИСИС ја крена во воздух џамијата.

Веста за рушењето на џамијата ја објави ирачката армија.

„Групите на ИСИС извршија уште едно историско злосторство – ја разнесоа Ал нури џамијата и минарето Ел Хадба“, се вели во соопштението на ирачката војска.

Во оваа средновековна џамија лидерот Абу Бакр ал-Багдади, објави „калифат“ што пред три години ги опфати деловите од Сирија и Ирак.

Се наведува дека до експлозија дошло кога ирачките елитни единици за борба против тероризмот, пристигнале на 50 метри од џамијата.

Исламската новинска агенција Амак ги обвини САД дека во воздушен напад ја уништиле џамијата, тврдење што набрзо го негираше коалицијата предводена од САД во борбата против милитантната група, пренесе Ројтерс.

Минатата недела беше објавено дека во воздушен напад на Русија во Сирија бил убиен Багдади, но руските официјални лица не ја потврдија веста.