Со беспилотно летало убиен командантот на ИСИС за Авганистан и Пакистан

0
508

Лидерот на разгранокот на таканаречената Исламска држава за Авганистан и Пакистан е убиен со американско беспилотно летало во источна покраина на Авганистан, изјави денес амбасадорот на Авганистан во Пакистан.

„Можам да потврдам дека лидерот на ИСИС Хафиз Саид Кан, заедно со високорангирани команданти и борци, загина во напад со беспилотно летало на 26 јуни во округот Кот во покраината Нангхархар во Авганистан“, изјави Омар Закивал, амбасадорот на Авганистан во Пакистан, пренесува Ројтерс.

Портпаролот на американската воена коалиција во Кабул изјави дека не може да ги потврди тврдењата, но дека истрагата е во тек.

Ако се потврди смртта на Хафиз Сади Кан тоа ќе биде силен удар врз Исламска држава (ИСИС, Даеш), која се обидува да ја прошири својата власт и џихадистичките напади врз Авганистан и Пакистан.

Покрај тоа, ова ќе биде втор американски напад што завршува со убиство на висок командант на ИСИС во тој регион во последните месеци. Во мај со беспилотно летало во Пакистан беше убиен талибанскиот авганистански лидер Мула Актар Мансур.