Собрани милион денари во акцијата на ОМД за помош на поплавените

0
442

Вкупно 17.000 американски долари или речиси милион денари собра Обединетата македонска дијаспора (ОМД) за два дена преку социјалните мрежи, во кампањата за донирање средства во рамки на акцијата на Црвениот крст.

За настраданите во катастрофалните поплави кои минатиот викенд ја зафатија Македонија, донираа 243 поединци од повеќе држави-Австрија, Австралија, Белгија, Босна и Херцеговина, Канада, Германија, Унгарија, Израел, Македонија, Црна Гора, Холандија, Србија, Шведска, Швајцарија, Обединетото кралство и Соединетите американски држави.

Собраните средства, како што информира ОМД, денеска се испратени директно до Црвениот крст за да можат веднаш да ги дистрибуираат средствата до погодените од поплавите. Сто проценти од собраните донации се испратени, а ОМД ја презема одговорноста за сите трошоци околу испратката.

ОМД продолжува со својата кампања преку социјалните мрежи за собирање средства, како и со две манифестации. Едната ќе биде викендов, во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон и следниот викенд во Гарфилд, Њу Џерси. Средствата од овие активности ќе бидат исто така испратени до Црвениот крст.

Членовите и волонтерите на ОМД, кои се во посета на Македонија ова лето, ќе ги посетат погодените подрачја, ќе волонтираат во Црвениот крст, ќе помагаат со дистрибуција на храна, вода и разни материјали до фамилиите и ќе учествуваат во акциите на прочистување на погодените подрачја.