Собранието ја констатираше оставката на Груевски

0
469

Собранието на Република Македонија вечерва ја констатираше оставката на премиерот Никола Груевски, кој на 14 јануари ја депонираше и за која најави дека ќе биде ефективна во зависност од денот на одржување на изборите.

„Врз основа на Член 93, Став 3 од Уставот на Република Македонија, оставката на претседателот на Владата повлекува и оставката на Владата. Констатирам дека врз основа на Член 220 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на претседателот на Владата и на Владата им престанува мандатот. Врз основа на Член 93, Став 5 од Уставот на Република Македонија, Владата останува на должност до изборот на нова Влада“, рече на денешната седница претседателот на Собранието, Трајко Велјановски.

Пратениците од пратеничката група на СДСМ ја напуштија седницата. Претходно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и од ДУИ до претседателот на Собранието доставиле Предлог – одлука за распуштање на Собранието, која би се применувала од 24 февруари. Пратениците треба да гласаат и за распуштање на Собранието, кое ќе важи од 24 февруари, за изборите да се одржат на 24 април.

Вечерва во 19 и 30 часот претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе го врачи мандатот за состав на Влада на Република Македонија на Емил Димитриев.

Во меѓувреме, Извршниот Комитет на ВМРО – ДПМНЕ одлучи парламентарните избори да бидат одржани на 24 април годинава, којашто ја прифатија и партиите членки на Коалицијата „За подобра Македонија.“

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по средбата изјави дека Македонија мора да оди напред, оти како што рече граѓаните предолго се заложници на деструктивната политика на опозицијата.