Собранието ја усвои прераспределбата на 1,6 милијарди денари меѓу буџетските корисници

0
339

Со 51 глас „за“,  25 „воздржани“ и ниту еден „против“ Собранието на Република Македонија ја усвои одлуката за прераспределба на 1,6 милијарди денари меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите.

Министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците образложи дека се крати од ставки кои нема да се реализираат, а тие средства ќе се користат за отплата на наталожени обврски. Одлуката е одраз на определбата за ефикасно управување со јавните финансии и плаќање на долговите на државата.

Се предлага, информира Тевдовски, исплаќање на неколку поголеми заостанати долгови: за големата концертна сала за Македонската филхармонија, за опрема во МВР, за градежни објекти во СОЗР, пред се објектот на Факултетот за драмски уметности, за Албанскиот театар во Скопје и театар и библиотеката во Тетово, за преведување и печатење на стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и за бесплатни учебници. Со оваа отплата на дел од наследените долгови ќе се обезбедат заштеди во следните 10 години како резултат на избегнување на плаќање на камати и евентуални судски трошоци за ненавремено подмирени обврски, укажа Тевдовски.

Извор за покривање на овие долгови се предложените намалувања од позициите кај кои се забележува послаба реализација и каде е извесно дека планираните средства нема да бидат искористени во целост до крајот на годината. – Главна причина за ваквата реализација се специфичните услови во текот на оваа година, пред се политичката неизвесност во првата половина на годината, како и локалните избори во втората половина, рече министерот Тевдовски.

Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека крајната цел на одлуката е во ред бидејќи со неа ќе се овоможи 50-ина милиони евра да влезат во стопанството. Но, како што наведе, одлуката е првата целосна дијагноза на Владата на СДСМ за слабостите во планирањето и реализирањето на средствата.