Собранието усвои предлог – заклучоци за помош на погодените од поплавите

0
431

Усвоените заклучоци беа предложени од Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери од ДУИ и за нив не гласаа пратениците од опозицијата.

Претходно, Собранието не ги прифати заклучоците предложени од СДСМ. За предложените заклучоциод опозицијата гласаа 29 пратеници, а 58 беа против.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски изрази жалење што не е постигната заедничка согласност околу заклучоците, иако, како што наведе, тие биле доставени до сите пратеници и во нив се инкорпорирани и предлози на СДСМ. 

Со усвоените заклучоци, меѓу другото, Собранието се заложува државните и сите надлежни институции да продолжат да излегуваат во пресрет на жителите од погодените подрачја се до конечно остранување, санирање и ублажување на последиците од катастрофалната временска непогода, се бара Владата да го реализира заклучокот за авансно обесштетување на погодените семејства и да продолжи да се ангажира за брза проценка на штетите, а државните институции да преземат законски мерки против оние кои ја злоупотребуваат настанатата состојбата за финансиска корист.

Владата треба да изврши проценка и доколу е потребно да пренасочи средства од одредени тековни буџетски ставки во надлежни институции со цел справување со последиците од катастрофалната временска непогода.

Во заклучоците се бара и да се спроведе дератизација, десинсекција и делумна евакуација на населението од поплавените подрачја, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да направи анализа за дивата сеча на шума, а Република Македонија да продолжи со масовно пошумување особено на места каде што има ерозија.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, пред затворањето на расправата рече дека заклучоците предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се неприфатливи за опозицијата бидејќи во нив не се вклучени нивните главни барања за исплата на итна помош на настраданите и за одговорност на надлежните за направените пропусти.

СДСМ, како што посочи пратеникот Петре Шилегов, бара итна исплата по 1.500 евра помош на секое настрадано семејство независно од помошта што ја предвиде Владата, да се донесе закон за утврдување на методологијата за исплата на штетите, а проценките за штетите да бидат јавно достапни.

СДСМ бара и да се стопира изградбата на панорамското тркало во Скопје и средствата да бидат доделени на настраданите, како и одржување надзорна расправа во Собранието за утврдување на одговорноста на надлежните институции.

Имер Алиу од ДПА рече дека собраниската дебата потврдила дека надлежните не постапиле правилно и оти проблемите се настанати од неинвестирање во погодените подрачја и селективниот пристап на институциите. Граѓаните и натаму ќе бидат во нечија милост и немилост и ќе треба да молат за помошта која им припаѓа, рече Алиу, додавајќи оти ДПА ќе ја напушти седницата и нема да гласа за заклучоците.