Собраниската седница продолжува во понеделник

0
308

Конститутивната седница на Собранието ќе продолжи во понеделник во 12 часот.

По неколку паузи кои ги даде претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски за пратениците да се договорат да не бараат „процедурално“ и „реплика“ , седницата продолжи со забелешки и контрареплики.

Претходно Оливер Спасовски од СДСМ побара  Вељаноски расправата да премине на наредната точка од дневниот ред. Како што рече Спасовски, ова е овозможено согласно членот 79 став 2 од Деловникот за работа на Собранието.

„ Наместо да се испочитува Деловникот и претседавачот со седницата да го стави овој предлог на гласање, заради тоа што во Деловникот, во оваа одредба јасно и прецизно стои дека без расправа се преминува на гласање, уште еднаш Трајко Вељаноски покажа како на најгруб начин се крши Деловникот на Собранието и се узурпира позицијата на претседавач на конститутивната седница“, рече Спасовски.

Илија Димовски сугерира да се намали тензијата, да се почитува процедурата, да не се одзема правото на никого.

„Да ја завршиме оваа точка, да ја избереме Комисијата за избори и именувања и потоа да преминеме на четвртата точка“, рече Димовски.