Советот на ЕУ денеска ќе ги усвои заклучоците за Македонија

0
131

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија, вчера по час и половина дискусија за политичката криза во Република Македонија, одлучија за денеска да го остават официјалното усвојување на заклучоците за нашата земја, јави МИА.

Заклучоците на Советот на ЕУ в четврток и петок ќе бидат усвоени од страна на шефовите на државите и владите на земјите-членки на ЕУ.

Советот за општи работи на Унијата денеска се очекува за Македонија да усвои заклучоци според кои во април годинава Советот веќе изрази „сериозна загриженост во врска со влошувањето на ситуацијата во земјата, особено во областа на владеење на правото, основните права и слободата на медиумите”.

Се очекува да се повикаат сите страни да преземат одговорност и итни мерки насочени кон обезбедување одржливо решение и конструктивно да се вклучат да го рестартираат политичкиот дијалог и да ја вратат довербата во институциите.

Вчера во Луксембург министрите за надворешни работи на Европската Унија одржаа дебата за Македонија и политичката криза. По состанокот, шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини повтори дека треба да се почитува договорот од 2 јуни.

„Министрите ги поддржаа заклучоците што ќе бидат усвоени на утрешниот состанок, охрабрувајќи ги сите страни во Скопје да го имплементираат политичкиот договор што беше постигнат на 2 јуни, особено реформите, имплементација на реформите, предвремени избори и транзицијата што на сите луѓе во земјата ќе им ја врати довербата во институциите“, рече Могерини.

Министрите денеска ќе ги усвојат нацрт заклучоците за Македонија во кои се бара меѓу другото истрага за објавените прослушкувани материјали, итно реформи во судството, изборното законодавство, како и за препораките од извештајот на Рајнхард Прибе.

Во нацрт заклучоците се изразува поддршка за преговарачкиот процес на политичките лидери во земјата и за договорот од 2 јуни.

Според некои медиуми, на барање на Германија била отстранета референцата за „цврста посветеност на европската перспектива на поранешната југословенска Република Македонија“.