Спасен 72-годишник, 13 дена по земјотресот во Еквадор

0
400

Тринаесет дена по земјотресот во Еквадор, спасувачите од под урнатините извлекле 72-годишен маж, објави во саботата венецуелската амбасада во еквадорската престолнина Кито.

Мануел Васкез го спасила екипа во мисија за превенција од опасноста во зоната на неодамнешниот земјотрес, на локалитетот Жамаријо, во покраината Манаби, на западот од Еквадор.

Спасувачите ги предупредила „буката којашто се слушала од делумно урната зграда“ во којашто го пронашле мажот заробен во една од просториите, се наведува во соопштението на амбасадата на Венецуела.

Возрасниот маж веднаш е хоспитализиран со дијагноза на хронично откажување на работата на бубрезите, опструкција на уринарниот тракт, дехидрација и изгладнетост. Останал и без ножни прсти.

Во земјотресот од 16-ти април со магнитуда од 7,8 степени, најмоќниот во Латинска Америка по оној што го погоди Хаити во 2010 година, загинаа 660 луѓе, 32 се водат како исчезнати, а 4.605 се повредени. Над 22.000 луѓе се згрижени во привремените засолништа.

Меѓу жртвите од потресот од кој настрадаа значително еквадорските туристички капацитети, идентификувани се 29 странци, од кои десет Колумбијци, двајца Британци, и по еден државјанин на Ирска, Италија, Франција и на Германија, соопшти претходно седмицава, еквадорското обвинителство.

Претседателот Рафаел Кореа изјави дека ќе го зголеми за 2 отсто данокот на додадена вредност (ДДВ) за богатите во текот на една година, со цел да се соберат 3 милијарди долари, колку што се проценети штетите што ги предизвика земјотресот./крај/мф/сн