Спасовски: Македонија јасно и практично ја декларираше решителноста за справување со миграцискиот бран

0
252

Проблематиката на миграцијата, особено сега во актуелниот глобален политички контекст е незаобиколен фактор кој очигледно мора да биде вкалкулиран во она што значи меѓународна соработка и дејствување, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето обраќање на Есенскиот состанок на Парламентарното собрание на ОБСЕ кој деновиве се одржува во Скопје.

Според Спасовски, со оглед на димензиите но и тенденциите на постоечките миграциски движења, ОБСЕ со право, во рамки на формулираната тема – “Зајакнување на мерките за градење доверба и добро владеењево регионот“ – ја детерминираше и миграцијата како еден од приоритетите во градењето на квалитетна и ефикасна меѓудржавна соработка, но и во градењето и хармонизирањето на  стандарди, вредности и норми кои ќе го подобрат доброто владеење, развојот на демократските институции и човековите права.

„Сите ние од европскиот континент, особено во текот на минатата година, бевме сведоци на сериозноста, тежината и заканите што произлегуваат од масивниот, и по обем и по траење, миграциски бран од Блискиот исток. Таа состојба јасно ни стави до знаење дека  ни е нужна меѓусебна соработка, не само во насока на зајакнување на довербата туку и во насока на интензивирање на заеднички координиран пристап во справувањето со миграцијата“, изјави Спасовски.

Република Македонија, како држава која  беше  изложена на најфреквентната рута од тоа миграциско движење, јасно и практично ја декларираше својата решителност за заеднички пристап и решавање на проблемите, особено што предвидувањата не ја исклучуваат можноста од појава на нов и можеби уште помасовен миграциски бран.

Во текот на минатата година низ територијата на Република Македонија транзит оствариле безмалку 700 илјади мигранти, од кои повеќето се од најзагрозените блискоисточни подрачја – Сирија и Ирак, но и мигранти од Средниот исток и северна Африка. До средината на февруари годинава оваа бројка нарасна за уште околу осумдесетина илјади мигранти.

Оваа состојба налагаше динамични промени и решенија особено во нормативната сфера, но и на оперативно рамниште, особено од аспект на институциите кои што беа најдиректно инволвирани во справувањето со проблемот со мигрантите, додаде Спасовски.

„Целта беше, меѓу другото, во тесна соработка со УНЦХР, со ОБСЕ и други организации да се подобрат условите за медицинска и хуманитарна помош на мигрантите. Потоа подигање на степенот на нивна безбедност (намалување на бројот на кривични дела, сообраќајни и железнички несреќи во кои се жртви мигрантите), како и намалување на криумчарењето мигранти. А, се разбира, и во насока на поефикасно регистрирање на мигрантите кои влегуваат во Република Македонија. Неспорно е дека, согласно анализите, овие цели беа исполнети“, изјави Спасовски.

За подобро и покоординирано справување со масовниот прилив на мигранти беа формирани иповеќе меѓу-агенциски тела , кои врз основа на своите законски надлежности ги одредуваа мерките и активностите за управување со миграциската криза, а во рамки на нивното функционирање произлегоа Акцискиот план за справување со илегални мигранти и План за одговор во случај на масовен прилив на мигранти. Истовремено беа отворени два привремени транзитни центри, едниот во Гевгелија, во близина на нашата јужна граница, со капацитет за прифат на 1.500 луѓе, а другиот на север, во Табановце, за прифат на 500 луѓе, кој функционираше како привремен, за помош и поддршка на мигрантите кои продолжуваа кон соседна Србија. Тука мора да се споменат и прифатниот центар за странци во Скопје и оној за баратели на азил во Визбегово.

„Напоредно со ова бевме фокусирани и на зајакнување на капацитетите на граничната полиција како прв фактор на соочување и справување со миграцијата, но и на интензивирање на меѓудржавната соработка, соработката со меѓународните институции, како и на имплементирање на низата заеднички усогласени решенија како на регионално ниво така и со земјите од ЕУ“, изјави министерот.

За поефикасно справување со големиот прилив на мигранти на територијата на Република Македонија, надлежните институции вршат првично профилирање на лицата бегалци/мигранти на самата гранична линија. Истовремено,  се врши и разговор со лицето со цел да се отфрли можноста дека одредено лице е потенцијална жртва на трговија со луѓе. Во текот на престојот во Прифатните транзитни центри сите лица имаат и постојан контакт со претставниците од УНХЦР, УНДП, ИОМ, како и со невладината “Млади правници“ и други невладини организации. Воспоставена е добра соработка со наведените организации и доколку тие оценат дека постојат индиции на сомнение за трговија со луѓе, истите се обврзани да ги известат полициските службеници, кои понатаму ги известуваат полициските службеници од Секторот за борба против трговија со луѓе во Одделот за борба против организиран криминал. Истата постапка се спроведува и со мигрантите кои што ќе се затекнат на територијата на Република Македонија со илегален влез.

„Високите ѕидови не го решаваат тој проблем. Минатогодишните случувања покажаа дека доколку нема заеднички синхронизиран пристап, како на оперативно, така и на нормативно ниво, тешкотиите и заканите ќе ги споделуваат како државите поединечно, така и несреќните луѓе принудени на мигрирање. Министерството за внатрешни работи дава силна поддршка на сите иницијативи, предлози, проекти кои се во правец како на подобрување на справувањето со миграцијата така и во правец на динамизирање на мултилатералната соработка. Длабоко сум убеден дека во тој контекст ОБСЕ може и треба да има исклучително важна улога.  Впрочем, во изминативе неколку дена од оваа парламентарна сесија токму нејзиниот тематски фокус и изнесените гледишта го потврдуваат таквото значење на организацијата“, заклучи Спасовски.

makfax.com.mk