Спасувачите трагаат по шестгодишно девојче во Шипковица

0
275

Во потрагата во тетовското село Шипковица, покрај стотици работници и механизација се вклучени и кучиња трагачи, но засега нема успех

Купишта камења, урнатини, кал и откорнати дрвја останаа по силното невреме кое што вчеравечер во зафати Полошкиот крај. Најголемите последици од катаклизмата се чувствуваат во тетовското село Шипковица, кое денеска беше кренато на нозе во потрага по шестогодишно девојче за кое се претпоставува дека е под урнатините на семејната куќа, која под притисок на свлечилиштето буквално се урнала врз него.

Во потрагата покрај стотици работници и механизација се вклучени и кучиња трагачи, но засега нема успех.

Претходно беше пронајднено телото на нејзиниот едно ипол годишен брат, кој заедно со девојчето и нивниот деветгодишен брат, си играле во собата која беше затрупана од свлечиштето.

Огромните наноси на кал и вода предизвикаа пустош во горното маало, каде се регистрирани уште две жртви. Четиринаесетгодишно девојче настрада од силното невреме, додека се криело во куќата на нејзиниот дедо, а 83-годишен жител на селото загинал додека седел во кафеана.