Според англиската верзија на Ватикан, Скопје е во Албанија

0
801

Низ плоштадот Св. Петар во Рим се разнесе громогласен аплауз дури и пред Папата Франциско да ги каже последните зборови од канонизацијата на Мајка Тереза, наведувајќи ги чудата кои и се припишуваат на калуѓерката.
Канонизирајќи ја за време на јубилејната Година на милоста, Папата на некој начин ја направи икона на својот понтификат.

Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, присуствуваше на церемонијата на канонизација на Блажена Мајка Тереза во Ватикан.

Во состав на македонската делегација, покрај претседателот Иванов, беа и премиерот Емил Димитриев, министрите за надворешни работи и за култура, Никола Попоски и Елизабета Канческа Милевска, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, претставници на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и претставник на фамилијата на Мајка Тереза.

На канонизацијата на Мајка Тереза присутни беа многубројни верници и високи гости од целиот свет.

Акредитирани беа 600 новинари од целиот свет, а настанот го следат 125 телевизики куќи. Радио Ватикан пренесуваше во живо на шест јазици.

Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква.

По каноните на Римокатоличката црква, светец, односно светица се станува откако ќе се утврди дека личноста направила најмалку две чуда. Церемонијата на нејзината беатификација за блажена, што беше чекор кон прогласување за светица, се одржа во 2003 година, шест години по нејзиното упокојување, откако Папата Јован Павле Втори го призна нејзиното прво чудо, излекување на Индијката Моника Бесра во 1998 година со наод тумор во стомакот. Пет години подоцна, Папата Францис го призна второто чудо на Мајка Тереза поврзано со нејзината моќ за исцелување, необјасниво лекување на маж од Бразил од неколку мозочни тумори во 2008 година, додека тој бил во кома.

Според Католичката црква нејзината светост е во тоа што во дело ги спроведувала зборовите божји и што се посвети на најзагрозените групи во општеството.

Амбасадата на РМ во Ватикан реагираше со соопштение до медиумите, дури откако во јавноста беше пренесена информацијата дека во брошурата за Мајка Тереза, како нејзин роден град беше напишано Скопје, Албанија.

Медиумите прашуваа зошто ако македонската амбасада во Ватикан, како што соопшти, веднаш реагирала, а и македонската државно-црковна делегација упатила остра реакција, со барање брошурата да биде повлечена, тоа не го кажаа јавно, туку дури откако информацијата излезе во јавност.

Без коментари

LEAVE A REPLY