Според првата анкета по нападот во Париз расте поддршката за Марин Ле Пен

0
424

На кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен ѝ пораснала поддршката, покажува првата анкета по нападот во Париз, но кандидатот на центарот Емануел Макрон би добил повеќе гласови утре и лесно би победил во вториот круг по две недели.

Според анкетата на агенцијата Одокс за неделникот Ле поан, Макрон би го добил првиот круг со 24,5 отсто од гласовите, за 0,5 отсто помалку во однос на претходното истражување на мислењето.

Ле Пен би избила на второто место со 23 отсто, што е за 1 отсто повеќе во однос на претходната анкета.

Конзервативецот Франсоа Фијон и комунистичкиот кандидат Жан Лук Меленшон паднале за 0,5 отсто и би добиле по 19 отсто од гласовите па не би можеле да влезат во вториот изборен круг на 7 мај.

Макрон „сега има добри изгледи да биде прв во првиот круг и да си ја обезбеди победата во вториот“, изјави Гаел Слиман од Одокса.

Според сите прогнози, Макрон би требало лесно да ја победи Марин Ле Пен во вториот круг.