Спречени напади на IS во Иран

0
297

Група милитанти поврзани со екстремната сунитска организација Исламска држава (IS) платени се со 600.000 евра да изведуваат бомбашки напади на педесет локации во Техеран, главниот град на доминантно шиитски Иран, како и во други големи градови низ земјата, објавено е во документарниот филм прикажан во понеделникот на иранската државна телевизија.

Претходните денови поедини ирански функционери за тамошните медиуми даваа одделни изјави за планирани напади во Иран од страна на милитанти на Исламската држава.

Иранските разузнавачки служби пред две седмици објавија дека спречиле голем терористички напад, уапселе десет милитанти, и заплениле околу сто кила експлозивни материјали кои би се користеле во автомобилски бомби, како и во самоубиствени и други напади на јавни места.

Петнаесетминутниот документарен филм содржи разговори со двајца терористи, кои по апсењата го објасниле плановите за нивните операции.

Снимките направени со скриени камери кои се прикажани во документарниот филм, ги прикажуваат членовите на групата која наводно купува и пренесува хемикалии и домашни производи кои може да се користат во изработка на експлозиви.

При крајот на документарецот се прокажани вооружени маскирани припадници на безбедносните служби како изведуваат рација и апсење на осомничените. Нараторот на филмот нагласува дека истрагата за планираните напади продолжува.

Иранските безбедносни служби во мај годинава објавија дека уапсиле десетина борци на Исламската држава, како и педесетина симпатизери на џихадистичката сунитска група која шиитите ги смета за еретици, кои ја промовирале оваа терористичка организација на интернет./крај/мф/сн