Србија и Кина потпишаа изјава за стратешко партнерство

0
397

Кинескиот претседател Кси Џинпинг ја продолжи во саботата тридневната посета на Србија со официјалните разговори со српскиот колега по должност Томислав Николиќ, со кој ја потпишаа изјавата за стратешко партнерство меѓу Србија и Кина.
На двајцата претседатели по разговорите зад затворен врати им се придружија шефовите на државните делегации по што следеше потпишувањето на уште 21 меѓудржавен договор, меѓу кои за воено-одбранбената индустрија, економско-техничката соработка, заедничките проекти во инфраструктурата, промоција на туризмот и телекомуникациите, сообраќајот, заеднички вложувања во обновливата енергија и други.

Пред средбата со Кси, Николиќ оцени дека „Србија и Кина се сигурни партнери“, како и дека „од пријателството меѓу двете земји секако ќе произлезат нови економски односи“, додека кинескиот гостин возврати со пораката дека Пекинг е „подготвен да го поткрене нивото на пријателските односи“.

„Кина е држава која од темели го менува светскиот економски поредок, а не се меша во политиката и во воените судири. Мислам дека голем дел од човештвото ви е благодарен за тоа“, изјави Николиќ.

Оценувајќи ги односите меѓу двете држави како „длабоки и содржајни“, кинескиот претседател Кси истакна дека „не ги одбележуваат само пријателството и соработката, туку и заедничките вредности“.

„Подготвени сме да вложиме напори да го зацврстиме заедничкото пријателство меѓу двете земји кои ги воспоставија нашите постари генерации. Подготвени сме заедно со вас и натаму да го подигнуваме нивото на пријателските односи“, порача кинескиот претседател.

Николиќ на Кси притоа му го врачи Орденот на Република Србија.

Кинеската државна делегација, во која има околу 200 лица, во саботата ги продолжи билатералните разговори со највисоките српски функционери, а за недела е предвидена посета на челичарницата во Смедерево која ја купи кинеската компанија „Hesteel“. Воедно во недела ќе заврши и тридневната посета на кинескиот претседател Кси Џинпинг на Србија./крај/мф/сн