Србија најавува најостра протестна нота до Франција

0
675

Премиерот на Србија Александар Вучиќ изјави синоќа дека на Франција, чиј суд вчера го ослободи поранешниот командант на УЧК Рамуш Харадинај, ќе ѝ биде упатена најостра протестна нота а дека српскиот амбасадор во Париз ќе биде повикан на итни консултации во Белград.

На конференција за новинарите по вонредната седница на српската влада, Вучиќ кажа дека на никој, па ни на големата Франција, нема да ѝ дозволи да ја понижува Србија, бидејќи тоа не е прашање на политика, туку дека станува збор за највисоки морални принципи.

„Тука станува збор за тоа дали некој ќе ги штити злосторниците или не. Дали ќе ги почитува правилата или не“, кажа Вучиќ и додаде дека за тоа разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и дека очекува разговори и со други амбасадори.

Тој истакна дека Србија никогаш нема да се откаже од работата на своите обвинителни органи бидејќи тоа им го должи на жртвите.

„Ова денес не е голема победа на Албанците, туку голема победа на злосторниците. Оние кои можеле да вршат страшни недела… Наша обврска е поради жртвите да ја продолжиме нашата борба и нема да престанеме и нема да се откажеме“, кажа Вучиќ.

Лидерот на Алијансата за иднина на Косово и поранешен премиер на Косово Рамуш Харадинај изјави вчера дека неговото ослободување и одбивање на барањето за негова екстрадиција во Србија е победа на Албанците.