Србија подготвено ги прифаќа мигрантите

0
204

Србија подготвено ги прифаќа мигрантите. Околу 8.000 мигранти пристигнале во прифатниот центар во Прешево во последните 24 часа.

Таму српските власти ги регистрираат и им даваат ограничена дозвола за движење низ Србија. Со таа потврда во наредните 72 часа мораат да одлучат дали ќе побараат азил или ќе ја напуштат земјата.

Потоа со автобуси кои ги обезбедиле УНХЦР бегалците се превезуваат кон Белград. Досега 1.500 луѓе побарале азил.Бегалците велат дека во Србија влегле без никакви проблеми и дека немаат проблеми со српската полиција.

„Македонија е проблем, нивната полиција пука во народот. Неможе да се влезе во Македонија. Во Србија е подобро“, изјава бегалец.

Пред прифатниот центар има огромна редица од бегалци, а Црвениот крст, УНХЦР и Комесаријатот за бегалци им делат храна, вода и средства за хигиена. На терен постојано се министрите.

Власта во наредниот период очекува зголемен прилив на мигранти и се надева дека ЕУ ќе увиди дека е потребна поголема помош за транзитните земји, кои со свои средства им помагаат на овие луѓе транзитот да им биде што побезболен.

„Подготвени сме за секој кој ќе дојде да му обезбедиме заштита, леб и лекови“, изјави Александар Вулин, министер за социјални прашања во Србија.

„Република Србија се грижи безбедноста на мигрантите да биде на највисоко ниво и ние и натаму ќе бидеме добри домаќини како и во претходните месеци“, изјави Небојша Стефановиќ, министер за внатрешни работи на Србија.

Освен на Прешево, во Србија прифатен центар има и во Кањижа. Рускиот амбасадор во Србија кој вчера го посети центарот, масовниот бран мигранти го нарече „арапска есен“, додавајќи дека тој е продолжение на „арапската пролет“ која како бумеранг им се враќа на оние кои сето тоа го започнале. Чепурин исто така ја пофали земјата поради хуманоста со која се справува со кризата.

„Треба со заеднички сили да им помогнеме на овие луѓе. Мигрантите треба да се благодарни што државата им овозможува достоинствен престој“, изјави Александар Чепурин, амбасадор на Русија во Србија.

Но како расте бројот на мигранти кои заминуваат кон Европа, се зголемува и загиженоста кај тамошните власти.

Шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц бара заштита на надворешните граници на ЕУ и контрола на балканската рута. Според него, бегалците треба да бидат згрижени во прифатни центри во близина на нивната татковина.

Курц како и неговиот германски колега Штајнмаер се заложија за одредување квоти за распределба на бегалците во ЕУ.

Според шефот на италијанската дипломатија Паоло Џентилони, хаотичните сцени на границата меѓу Грција и Македонија претставуваат вистинска закана по слободата на движење на луѓето ширум европскиот блок. Во поглед на имигрантите, тој вели – Европа е во опасност да го покаже она најлошото кај себе: себичност, хаотично носење одлуки и кавги меѓу земјите членки.