Србинките го замолкнаа Антверпен

0
443

Белгија – Србија 1:3 (25:19, 27:29, 11:25, 18:25)

Србија е последниот полуфиналист на европското првенство во одбојка, кое се одржува во Белгија и Холандија. Во „Лото арената“ во Антверпен, Србија успеа да направи подвиг и по лошиот почеток да го сврти резултатот против жилавиот домаќин. Белгија многу подобро го отвори мечот и го доби првиот сет многу убедливо, како плод на разноврсна игра и серија на грешки на противникот. Во резултатска „нишалка“ вториот сет го одлучија нијанси. Белгија не искористи две сет топки, а Србија преку Бошковиќ својата трета ја претвори во израмнување. Потоа беше далеку полесно. Се разигра Рашиќ, блескаше и Тијана Бошковиќ и девојките на Зоран Терзиќ прелесно ги добија и третиот и четвртиот сет. Така Србија го потврди местото во големата четворка на европската одбојка. За пласман во полуфиналето, европскиот првак од пред четири години ќе игра со Русија. Овие две репрезентации се сретнаа на светскиот Куп во Јапонија пред само неколку недели и таму Србија изненадувачки славеше со 3:2. Сепак актуелниот европски првак Русија е благ фаворит за пласман во финалето. Се очекува Србија да има поголема подршка од трибините в сабота во „Ахој арената“ во Ротердам.