Сребреница – 21 година подоцна

0
564

Денес се одбележуваат 21 година откако силите на Војската на Република Српска на 11 јули 1995 влегоа во Сребреница и притоа извршија воено злосторство убивајќи околу 8.000 луѓе.

Во меморијалниот центар во Поточари во текот на денот ќе бидат погребени остатоците на уште 127 идентификувани жители на Сребреница кои биле убиени во 1995 година.

Сепак, наместо во деновите пред одбележувањето на годишнината во фокусот да биде болката на семејствата на жртвите, и оваа година увертирата беше составена од политички препукувања и нови докази дека ни по повеќе од две децении во регионот нема разбирање.

Една година откако српскиот премиер Александар Вучиќ беше каменуван во Поточари и откако истрагата за тоа не даде резултати, од Сребреница стигна порака дека српскиот државен врв сепак повеќе не е пожелен во Меморијалниот центар.

Како причина беше наведено тоа што „присуството на оние што го негираат геноцидот внесува нервоза“ и дека со самото тоа нема гаранции за безбедноста на сите.

Од Србија беше одговорено дека „пораката е сфатена и дека никој нема да прави проблеми“, но и таквата одлука беше наречена „дневнополитичка“. Претседателот на Србија Томислав Николиќ кажа дека Србија е за помирување, но и за тоа да се почитуваат сите жртви.

„Можевме заедно (со Бакир Изетбеговиќ) да отидеме на местата на колежите на Србите и Босанците, да покажеме дека сочувствуваме во болката и кон едните и кон другите. Не можете да учествувате само во болката на сопствениот народ. Во тој случај сте еднострани“, заклучи Николиќ.

Причината за новата голема осцилација во српско-босанските односи и оваа година е зборот геноцид. Како што вели началникот на општината Сребреница Ќамил Друаковиќ, државата Србија „најпрво околу тоа мора да има јасен став“.

„Ако го негира геноцидот, тогаш мора да знаеме дека помирувањето и она за што сакаме да зборуваме, сѐ уште не се можни“, изјави Дураковиќ.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг во 2007 година донесе пресуда со која масакрот во Сребреница се квалификува како чин на геноцид. Резолуции за Сребреница со кои се потврдува таа пресуда донесоа парламентите на ЕУ, Канада, САД и Австралија.

Резолуцијата за Сребреница не беше усвоена во Советот за безбедност на Обединетите нации минатата година, откако Русија го искористи правото на вето и го „ирна“ британскиот предлог. Меѓутоа, во следните денови резолуција со која се истакнува дека се случил геноцид усвои Конгресот на САД, а потоа и Европскиот парламент.

На почетокот на јули 2006 Владата на Србија ги осуди сите воени злочини во југословенските војни, меѓу кои особено беа истакнати злочините врз муслиманите во Сребреница и Србите во Братунац.

Четири години подоцна српската Скупштина ја усвои декларацијата со која се осудува злосторството врз бошњачкото население на Сребреница во јули 1995, на начинот утврден со рпесудаат на Меѓународниот суд на правдата.

Во последните денови пратеничките групи собрани околу партиите ЛДП и ЛСВ поднесоа во собраниска процедура Предлог резолуција за геноцидот во Сребреница.

„Признавањето на геноцидот во Сребреница е цивилизациски чекор кој ѝ е потребен на Србија за да ја потврди сериозноста во намерата за изградба на дијалог, соработка, доверба и траен мир во регионот, засновани врз прифаќањето на делата од минатото, соочување со минатото и посветеност на правдата, поддршка на жртвите како основа за јакнење на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот“ се вели во предложениот акт.

Нападот врз Сребреница почна на 6 јули 1995 и заврши пет дена подоцна со влегување на војската на Република Српска под команда на генералот Ратко Младиќ во градот.

Според обвинението на Хашкиот трибунал, војниците под команда на Младиќ до 19 јули организирано и систематски убиле околу 8.000 муслимански мажи и момчиња. Околу 30.000 жени и деца биле депортирани за два дена. Бројот на жртвите и денес е спорна точка меѓу двете страни.

www.mkd.mk