Средба Иванов-Путин во Москва

0
786

Македонија има јасни стратешки определби и опстојува на нив, несакајќи да наштети никому, води политика на отвореност, негува добронамерни односи на пријателство, соработка и меѓусебна почит. Ова му го соопшти македонскиот претседател Ѓорге Иванов на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на денешната средба во Москва.

Иванов, како што јави известувачот на МИА, ја оцени средбата со Путин како пријателска, конструктивна и содржајна. Рече дека станало збор за состојбата во Македонија и во регионот, за економската соработка, за црквата,…

– Политичката криза што ја имавме во последните 2,5 години доведе до застој во функционирањето на заедничката меѓувладина комисија со Русија која, се надевам, сега со формирањето на новата влада ќе може да профункционира и да ги продолжи позитивните трендови во економската соработка, изјави Иванов по средбата.

И Путин, како што нагласи, ја спомнал економската соработка која меѓу Македонија и Русија е интензивна, достига околу 200 милиони долари, но тоа се уште не е доволно за потенцијалот што постои кај нас за да можеме да извезуваме, а исто така и од руската страна.

– Политичката криза многу проекти, многу активности има блокирано и затоа, се надевам дека новата влада со формирање повторна меѓувладина комисија за економска соработка ќе ги поттикне тие почнати проекти бидејќи имаме во сферата на енергетиката, имаме извоз на земјоделски производи, има интерес на руски инвеститори да инвестираат во нашите економски зони, рече Иванов.

По средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Кремљ, шефот на руската држава порача дека влијанието и авторитетот на Иванов ќе придонесат за излез од политичката криза во Македонија.

„Внимателно следиме што се случува во вашата земја. Ви посакуваме успех и се надеваме дека внатрешната политичка состојба во Македонија ќе се развива во согласност со Уставот и демократските начела. Убеден сум дека вашето искуство, влијание и авторитет ќе придонесат кон тоа“, му порача Владимир Путин на македонскиот претседател Иванов на средбата во Москва.
Путин, како што се наведува во официјалното соооштение на Кремљ, на Иванов му ја честита наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“, која синоќа на свечена церемонија во московскиот храм „Христос Спасител“ му ја врачи патријархот на Руската православна црква, Кирил. Рускиот претседател рече дека денеска и во Русија е свечен ден поради одбележувањето на Денот на сесловенската писменост која, како што рече, „ни дојде од македонската земја“.

Иванов се заблагодарил за наградата и за приемот кај рускиот претседател.

„Нашиот народ вели дека човекот не умира кога ќе биде закопан, туку кога ќе биде заборавен. Ова е нашето заедничко сеќавање на светите просветители Кирил и Методиј“, рече Иванов.