Средба Меркел – Путин во Сочи

0
208

Односите со Русија се се подобри, но потребно е да се направи повеќе пред да се укинат санкциите кон Москва, до што може да  дојде дури со целосна приомена на мировниот договор од Минск, изјави во Сочи германската канцеларка Ангела Меркел по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.

Кога станува збор за војната во Сирија, Путин вели дека се согласиле дека е потребен многу поактивен преговарачки процес.

Меркел и Путин по средбата одржаа прес конференција, на која Путин порача дека не е можно да се постигне решение за украинскиот судир без директен дијалог меѓу спротивставените страни. Тој изрази уверување дека примената на спогодбата од Минск е од суштинско значење за реализација на директниот дијалог меѓу Киев и Донбас.

Во врска со Сирија, Путин нагласи дека Русија ја осудува употребата на хемиско оружје и бара целосна и непристрасна истрага за минатомесечниот напад во сирискиот град Хан Шејхун.

Рускиот претседател уште рече дека Русија не се меша во политичкиот живот на другите земји, и дека очекува никој да не се меша во нејзиниот политички живот, истакнувајќи дека неговата земја не се мешала во претседателските избори во САД, ниту во европските. Информациите за тоа ги нарече „обични гласини“.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Берлин и Москва мора да разговараат и покрај несогласувањата, а агенцијата Ројтерс констатира дека истите разлики во ставовите фрлиле сенка на денешните разговори.