Средба на Путин и Ердоган во Санкт Петербург

0
246

Во рускиот град Санкт Петербург денеска ќе се сретнат претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, што треба да претставува нов чекор кон затоплување на односите меѓу двете земји, по нивното драстично влошување лани во ноември, кога турските сили урнаа руски воен авион над границата со Сирија.

Како што оценуваат западните медиуми, оваа прва посета на Ердоган на една странска земја по обидот за воен удар на 15 јули, доаѓа во време кога Ердоган во неколку наврати изрази незадоволство од „недостигот на подршка од страна на неговите пријатели од Западот“ по спречениот пуч.

За разлика од критиките кон Западот, Ердоган изрази задоволство од реакцијата на Русија по обидот за преврат, нагласувајќи дека Путин бил меѓу првите странски лидери кој му се јави по телефон ноќта по спречениот воен удар, како и дека не ги следел постапките на западните лидери кои ја критикуваат Анкара поради ригорозните мерки што ги презеде по пучот.

Според најавите од Москва, на средбата Путин-Ердоган ќе стане збор за укинување на руското ембарго за увоз на турски стоки и на чартер летови, за возобновување на проектот „Турски поток“, за кризата во Сирија, за борбата против тероризмот, како и за „други регионални и меѓународни теми“.