Средства, храна и вода за населението во поплавените подрачја

0
350

Во текот на денот почна солидарно да се собираат парични средстава, но и конзервирана храна, бебешка храна и пелени, вода за пиење, средства за хигиена и дезинфекција за населението во поплавените подрачја.

Од Црвениот крст на Република Македонија информираат дека помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст на РМ во Момин Поток.

Заинтересираните правни субјекти и граѓани дополнително можат да се вклучат и со обезбедување на парична помош со уплата на Жиро сметка на Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка или со донирање 100 денари преку телефонски повик на 143 400 преку сите мобилни оператори.

Сојузот на стопански комори (ССК) ги повика сите компании да се вклучат во акцијата за помош на граѓаните погодени од силното невреме што го зафати скопскиот регион.

Компаниите можат да достават помош за основни потреби и згрижување на граѓаните погодени од невремето во пунктот отворен во канцелариите на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ 1 или преку контакт телефонот 02/3091440 од 09-17 часот, информира ССК.

Денеска и граѓаните преку социјалните мрежи се организираат да помогнат на населението од зафатените подрачја. Беше отворен пункт кај „Веро Центар“.