Среќен роденден Подвижен музички театар Битола

0
496

Точно пред една година во Битола се одржа премиерата на моно операта Дневникот на лудиот, претстава која остави силен впечаток на критиката и публиката, а во продукција на

Подвижниот музички театар (Moving Music Theatre-MMT) од Битола, чиј основач и уметнички директор е композиторот Марјан Неќак .

Во изминатата година гостуваа на вкупно 8 фестивали, одиграа 20 претстави. Иако претставата е камерна, ја гледаше многубројна публика и секаде беа испратени со искрени овации.

Освоија вкупно 4 награди и тоа на Фестивалот Мали сцени во Риека за најдобра машка улога, најдобра музика и најдобро актерско остварување од неделникот Медитеран, потоа на Фестивалот на монодрама во Битола ја освоија наградата од публиката за најдобра претстава.

 

Ова лето ги чекаат уште 5 фестивалски настапи и тоа во Србија, Хрватска и Црна Гора.

Moving Music Theatre оваа година ја оствари и првата копродукција на Фестивалот -Tjedan suvremenog Plesa, во Загреб со балетот Часови за танц за возрасни и напредни, дело на Богомил Храбл а во режија на Сташа Зуровац.

Проектот беше премиерно изведен на 33-тиот фестивал, Недела на современиот танц на 2-ри јуни.

Во копродукција со Музичкиот театар( Moving Music Theatar), се танцовото студио Liberdance, Македонскиот народен театар од Скопје, Хрватскиот театар од Вараждин и Фестивалот Будва град Театар, како и фестивалот Недела на современиот танц, а во соработка со националната фондација за уметничка игра.
Музиката за проектот ја напиша Марјан Неќак, кој истакнува:
– Различноста на културите е она што отсекогаш ме интересираше и се покажа дека тој спој на различностите, донесува нешто ново и свежо, а во исто време длабоко и магично.

За сите изведувачи, пеачи, музичари, режисери, кореографи и визуелни уметници, ММТ е лабораторија за истражување идеи и развој на иновативни изведувачки практики низ призмата на музичкиот театар. ММТ исто така ќе работи во сферата на филмот, визуелни уметности и мултимедија како и едукативни проекти за идни млади творци и изведувачи.

Moving Music Theatre означи нов почеток и промоција на еден нов возбудлив начин на несекојдневна изведбена пракса.

Во секој елемент на Дневникот на лудиот, извира извонредност како клучна претпоставка за уметничка вредност, а Неќак е композитор кој високо котира на уметничката сцена во Хрватска.

-Иако кратко постоиме, убаво е да се потсетиме кога започнавме и да продолжиме да ги остваруваме нашите мечти-истакна Неќак.