Српската Торонто ТВ објави скандалозен прилог во кој се негира македонски народ

0
877

Граѓанското здружение „Македонска Нација“ од Канада и целата македонска заедница во оваа земја, побара јавно извинување од српската Торонто телевизија (Serbian Toronto TV) која се емитува на каналот OMN 1 за непочитување и нанесување штета на добрите односи меѓу мекедонскиот и српскиот народ.
Во своето неделно Велигденско издание, пренесувајќи прилог од промоција на книгата „,По белиот свет“, од авторот Лабуд Драгиќ, на најскандалозен начин беше навреден македонскиот народ и македонскиот литературен јазик кој, според прилогот, бил „,мешавина на јужносрбијански дијалекти со дополнително влијание на бугарскиот, а официјално промовиран од Блаже Конески“.

Во телевизискиот прилог од промоцијата на книгата бевме „потсетени“ дека било залудно што Илинденското востание го подигнале Срби, со носталгичност за некогашното крунисување на царот Душан во Скопје, до тоа дека Македонците од „толкуте мешавини и влијанија“ одбрале да бидат токму потомци на Александар Велики, па дури Македонците се „советуваат дека попаметно би било да се наречат Кинези“.

По повод овој медиумски скандал, здружението „Македонска Нација“, од Канада предводено од Боне Темелков во отворено писмо упатено до продуцентот на српската телевизиска програма од Торонто, Милан Чобанов, ко-продуцентот и водител Милјана Ристиќ, наведува:

„Македонците во Канада и во целиот свет се крајно разочарани во вашиот избор на промовирање на српскиот автор г-дин Лабуд Драгиќ и неговата книга ‘По белиот свет’. Самата книга, која беше многу агресивно промовирана на вашата програма, изразува омраза кон Македонците, па дури оди дотаму да се зборува за непостоење на македонската нација и сите нејзини луѓе. Ваквите тврдења не се земени лесно, и мора да се коригираат. Јас почитувам дека живееме во демократија, која се базира на основното право на слобода на говорот, но предавања расизам, нетрпеливост, омраза, па дури и агресивно како непостоење на цели народи не е однесување кое ќе се толерира во Канада и е неморално и нелегално“, стои во писмото на здружението „Македонска Нација“ од Канада.

Во протестното писмо побарано е јавно извинување од српската телевизиска програма од Торонто за непочитување и нанесување штета на добрите односи помеѓу српскиот и македонскиот народ.

„Доколку не добиеме извинување , ќе преземеме акција и ќе ги користиме законските можности“, се додава во писмото.

По бројните реакции на Македонците од Канада, скандалозното видео беше отстрането од јутуб каналот а продуцентот на програмата освен усно најавил и официјално извинување на српската телевизиска програма во Торонто.

Од Торонто

Соња Лозановска