Станови за духови!

0
700

„Се гради“- е најпопуларната сентенца во изминативе години. Се градат, патишта, улици, споменици, мостови, но се чини дека најмногу се градат стамбени згради. Така и во Битола, ако сакаме да бидеме цинични но блиску до реалноста би рекле дека во последниве години, градилиштата има повеќе отколку луѓе на Широк Сокак, во недела на пладне, што и не е така чудно оти луѓе во градов има се помалку, но тоа е веќе друга тема. Се враќаме на становите. Каква е состојбата со пазарот на недвижнини ги прашавме професионалците.

„Пазарот е презаситен. Има огромна понуда а побарувачката е на многу ниско ниво.“- вели М-р Боро Стојановски од Агенцијата за недвижности Гео Балкан Битола.

Битолчани особено оние кои навечер прошетале покрај старата касарна, сигурно забележале дека во сите тие џиновски грамади кои никнаа таму, нема станари. Односно само едвај неколку светилки светат во становите. Па, се наметнува прашањето кој ќе живее во овие станови?

„Очигледно е дека новоизградените станови во најголем дел стојат невселени. Само преку нашата агенција се огласени над 500 единици кои се непродадени.“- вели М-р Боро Стојановски од Агенцијата за недвижности Гео Балкан Битола.

Паметен човек би рекол, локацијата е најбитна кај купувањето на недвижности, па така стан во Скопје и стан во битола не е исто, нели. Е исто е! Барем ако ги прашаме битолските градежници. Цените на нивните сеуште празни станови, не мрднаа ни евро надолу.

„Она што е симптоматично е тоа што иако побарувачката е ниска, цените останаа енормно високи. По тие цени се купува стан во Скопје.“- вели М-р Боро Стојановски од Агенцијата за недвижности Гео Балкан Битола.

Која е логиката интензивно да се градат станови кои остануваат непродадени во наредните пет и повеќе години.

„Инвеститорите имаат средства и не се брзаат со продажба на становите, по пониски цени туку инсистираат на високите цени.“- вели М-р Боро Стојановски од Агенцијата за недвижности Гео Балкан Битола.

Во недостиг на објаснување за ваквите пазарни аномалии во битолскиот градежен бизнис, ни остануваа само онаа популарната „се гради!“