Старата битолска архитектура на Панде Петровски

0
352

Во Битола беше отворена изложба на цртежи од ликовниот уметник Панде Петровски насловена  Старата битолска архитектура. Изложбата ја организираше Центарот за култура – Битола, а станува збор за избор на дела работени и мотивирани од старите градби на Широк Сокак, старата битолска чаршија, градскиот часовник и други препознатливи објекти од градот.
Цртежите се работени во последните 7-8 години, а ги работел со туш и дрвена чепкалка. Изложбата ја посветува на градот каде што го поминал својот живот.

– Изложбата е мојот завет за Битола, мојата љубов искажана преку мојот занает и знаење кое сум ги стекнал во повеќедецинското работење и посветеност. На цртежите регистрирано е едно време кое постепено исчезнува, објекти кои претставуваат антологиски бисери во нашата ликовна уметност и нашата историја – истакна авторот Петровски.

Изложбата беше отворена во рамките на придружните манифестации на Републичкиот фестивал на народни песни и игри Илинденски денови што ќе се одржи од 29 јули до 1 август во Битола.

Панде Петровски е член на ДЛУБ. и ДЛУМ. како и на мекедонското научно друштво Битола. Од 1959 до денес реализирал 30 индивидуални изложби во Македонија, Србија, Шведска, Австралија.
Од многуте награди и признанија кои ги добил би ги издвоиле-наградата 4 ти ноември од општина Битола, наградата Борислав Траиковски од ДЛУБ, специјална награда на 37- та светска галерија Остен, плакета по повод 50 години на МНД., плакета за најсупешен битолчанец на Битолски весник и многу други.

Петровски вели дека има уште една изложба на селска архитектура која стои во папка и го чека моментот кога ќе се сретне со очите на љубителите на уметноста.

 

Без коментари