Стејт департментoт бара од Иванов да ја повлече одлуката, ЕУ размислува за санкции

0
749

Заедно со ЕУ ја изразивме нашата загриженост за важноста на спроведувањето веродостојни избори во Македонија. Има уште малку време. Останува уште многу да се направи, изјави на вчерашниот редовен брифинг во Стејт департментот Елизабет Трудо, директорка на прес-канцеларијата.

„Ние го истакнавме нашето барање претседателот Иванов да ја поништи својата одлука и да ги остави Специјалното јавно обвинителство и судовите да си ја завршат работата“, рече Трудо.

Странските медиуми пишуваат дека во Брисел веќе сериозно се размислува за воведување санкции за Македонија. Според „Фајненшл тајмс“, Брисел разгледува воведување санкции против водечки членови на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи забрани за патување. На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ оваа недела се дискутирало за додавање високи политички функционери на црната листа на Шенген-зоната, иако сѐ уште не е донесена ваква одлука. Сите 28 земји членки на ЕУ ќе мора едногласно да се согласат за таквите мерки.

Оцената на официјален Брисел е дека „македонските политичари очигледно се решени да ѝ наштетат на сопствената земја“.

Неофицијално, и бордот на директори на Светска банка решил да го запре процесот на кредитирање за подобрување на општинските услуги во Македонија сѐ додека не се одржат кредибилни избори во земјата. Во втората фаза од оваа програма за изградба и доградба на локални патишта, канализациони мрежи и друга инфраструктура, биле вклучени 57 општини од Македонија.