Степенот на тревога од тероризам на највисоко ниво

0
500

По самоубиствениот бомбашки напад во Манчестер, британската влада го подигна степенот на тревога од тероризам од „сериозен“ на „критичен“. Во Манчестер пак им беше оддадена почит на жртвите на перфидното злосторство.

Заканата од тероризам, врз основа на истрагите, сега е означена како критична, изјави британската премиерка Тереза Меј во синоќешното телевизиско обраќање. Тоа значи дека нов напад би можел непосредно да претстои. Не смее да се игнорира тоа дека е можно поголема група на поединци да била вклучена во нападот во Манчестер во понеделникот вечерта, изјави Меј.

Таа уште додаде дека војската ќе ја растовари вооружената полиција од задачите за обезбедување на објектите од јавен интерес и со тоа ќе бидат овозможени повеќе полициски патроли. Војници би можеле да им даваат поддршка на полицајците и при големи настани, како концерти и спортски манифестации. Меј истакна дека воените сили притоа ќе бидат под команда на полицијата. Британската премиерка изјави дека не сака дополнително да го вознемирува населението, но овие мерки се соодветни и разумни. Британската полиција утринава сопшти дека ќе го зголеми бројот на полицајци кои ќе патролираат на улиците на Лондон и оти војската ќе ги обезбедува клучните објекти, вклучително и Бакингемската палата и седиштето на владата на улицата Даунинг број 10.

http://www.dw.com/mk