Стевче Стефановски поднесе оставка како координатор на РК Пелистер

0
705

На големо изненадување на јавноста, Стевче Стефановски си поднесе оставка како координатор во РК Пелистер заради приватни причини. Тој оставката ја поднесе пред новогодишните празници, а официјализирана е дури денес.

„Сакам да им се заблагодарам на луѓето од Општина Битола со кои имав добра соработка, но мислам дека професионалните ибврски не ми даваат простор да се посветам на овој проект како што замислувам и затоа поднесувам оставка. Кога пристигнав наидов на тешка ситуациа, клубот беше во долгови и со само тројца младинци. Успеавме да вратиме 40.000 евра долгови на старите управи, да го организираме клубот и да изградиме млада екипа. Денес клубот никому не должи, имаме перспективна екипа и верувам дека со продолжување на систематска работа, резултатите ќе дојдат во наредните сезони. Организационо направивме многу работи важни за развојот на клубот. Ја реновиравме спортската сала, го отворивме прес-центарот и клупските простории и мислам дека Пелистер е на вистински пат во тој поглед. Преговарав со четворица ракометари да дојдат во Пелистер од следната сезона и верувам дека клубот ќе ги доведе. Исто така одпочнати се разговори за учество на клубот во СЕХА лигата со вајлд карта во една од следните сезони“, вели Стефановски.

Тој додаде дека во иднина ќе биде на располагање ако клубот има потреба од неговите услуги.