Сто и осум години Албанска азбука

0
963

Денеска се одбележуваат 108 години од албанската азбука, што е настан од исклучително значење за Албанците, кои дотогаш пишувале на четири различни азбуки. На 22 ноември 1908 година во Спомен-музејот во Битола е одржан конгрес на албанските интелектуалци, на кој е усвоено современото и единствено албанско писмо. Денот на создавањето на албанската азбука има голема важност за сите Албанци и овој датум се смета за еден од клучните настани во нивната историја, а со унифицирањето и стандардизирањето на азбуката тие се определуваат како проевропски народ.

Битолскиот конгрес бил отворен на 15 ноември и траел до 22 ноември 1908 година, а на него учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. По еднонеделна работа, била усвоена одлуката да се прифати латиничното писмо, но со извесни промени на буквите, кои ќе бидат адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Како еден од основните елементи се смета писмото на кое пишува тој народ, како средства за себеидентификување, промовирање на националната мисла и на карактерот на нацијата. Азбуката што е усвоена на овој конгрес се користи како единствено писмо на сите Албанци.

За претседател на Конгресот тогаш бил избран Мидхад Фрашери, а за потпретседатели Лиуѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Киријази, чија сестра Парашќева била единствена жена на Конгресот. Киријази потоа потоа го објавуваат и првиот Буквар на албански јазик со унифицираната азбука. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил центар на конзулите и се сметал како еден од најбезбедните.
Манифестација по повод Денот на албанската азбука ќе се одржи во Битола во организација на Министерството за култура во соработка со Секретаријатот за имплементација на Рамковниот договор при Владата.
Во Центарот за култура во Битола концерт ќе одржат виолинистот Шкeљзен Доли од Виенската фухармонија и оркестарот на Универзитетот на Тирана „Ибрахим Мади“ под диригентство на Ољси Ќинани.
Во НУ Музеј на албанската азбука во Битола ќе биде отворена Спомен – собата на Комисијата на албанската азбука, во која се претставени нејзините 11 членови кои во 1908 година одлучиле за новата азбука на Албанците.
Одбележувањето на денот на албанската азбука 22 ноември за припадниците на Албанците во земјава е неработен ден.