Стоечки овации за балетот 5 до 12 во Битола

0
274

Балетската претстава „5 до 12“ на кореографот Игор Киров, која во Центарот за култура премиерно се изведе пред битолската публика, е типичен македонски проект, работен по музика на Кирил Џајковски, костимите се на Александар Ношпал, а кореографското и сценското решение се исто така на Киров.

– Презадоволен сум од настапот, но и од реакциите на публиката. Таа даде најдобра оцена со повеќеминутниот аплауз и овации. Мислам дека направивме добра претстава, а тоа го потврди и публиката. Играчите дадоа добра енергија, прикажаа добра техника – изјави Киров по настапот.

Оваа претстава на Киров премиерно се прикажа на 7 август 2015 година во Сплит, а оттогаш се одигра дваесетина пати во Сплит, а подоцна во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево. Претставата досега ја виделе повеќе од девет илјади гледачи.

Киров кој зад себе има меѓународна кариера, на електронската музика на Кирил Џајковски, осмислил претстава во која многу од работите се во облик на коцка, а зборува за балканскиот обичај за решавање на проблемите во последен момент.