Столтенберг бара заедничко решение за името, Заев е и за привремената референца

0
1401

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по средбата со премиерот Зоран Заев во Брисел изјави дека по влезот на Црна Гора во Aлијансата јасно е дека вратата останува отворена за сите земји. Тој порача дека го поддржуваат патот на евроатланската интеграција на Македонија и ја истакна важноста од спроведување на реформите. Заев изјави дека се надева оти по Црна Гора, Македонија ќе биде следната добра вест која ќе дојде од НАТО и дека се свесни оти спорот со името е пречка и порача дека се посветени на исполнување на реформите.

Столтенберг истакна дека НАТО останува на истата позиција дека е потребно заедничко прифатливо решение за спорот со името и дека ја поздравува јасната порака од македонската влада дека ќе го интензивира дијалогот со Грција и ќе најде решение за спорот, како и јасната порака за реформите. На прашањето дали Македонија може да влезе под привремената референца, Столтенберг истакна дека тоа зависи од Македонија и Грција.

„Не е експлицитно кажано за какво решение. Тоа мора да биде заедничко прифатливо решение од двете земји и тогаш може да се придвижиме напред. Не е до мене да специфицирам какво решение, битно тоа да е прифатливо“, рече тој.

Заев порача дека сите години додека е процесот блокиран станало јасно оти стоење во место предизвикува криза и дека ќе се обидат на сите начини да ја придвижат Макеоднија во процесите.

„Се надеваме барем со привремената референца да добиеме покана за влез од НАТО, а истовремено додека трае ратификацијата на договорот, околу две години паралелно да продолжат разговорите за Грција за изнаоѓање на решение за името“, порача Заев.

Во однос на евентуалното руско мешање во Макеоднија, Стотленберг истакна дека било какво мешање во внатрешните работи на некоја земја е неприфатливо и затоа е значајно воспоставувањето на силни демократски институции.

www.slobodnaevropa.mk