Студ, снег, ветер

0
488

Времето денеска ќе биде променливо облачно и постудено со сончеви периоди и со локални слаби врнежи од дожд, а на планините ќе провејува снег. Ќе дува засилен ветер од западен и северозападен правец, а најсилен се очекува да биде во jугозападните и јужните делови од земјава (на моменти со брзина и над 90 км/час.

Во Скопје дневната температура ќе биде 12 Целзиусови степени, Крива Паланка 8, Маврово 3, Охрид 9, Битола 11, Кавадарци 14, Берово 8,Дојран 16…

Утре ќе биде суво, студено и ветровито, а ветерот ќе биде северозападен и особено изразен вдолж Повардарието. Температурите значително ќе опаднат, при што утринските за време на викендот на повеќе места ќе бидат околу или под нулата, прогнозира УХМР Македонија

Невреме проследено со снег и силен ветер зафати делови од Балканот и остатокот од Европа. Неочекуваниот снег го отежна сообраќајот во Босна и Херцеговина каде се задржа на улиците и предизвика одрон на земјиштето, додека во Сараево снегот предизвикал и проблеми со снабдувањето со вода.

Во соседна Србија освен на планините, снег падна и на пониските места. Дневните температури беа значително пониски за овој период од годината, а според прогнозите, подобрување на временската состојба се очекува следната недела. Снегот ги погоди и континенталните делови на Хрватска. Брегот на Јадранско Море беше зафатен од поројни дождови и силен ветер, а на места имаше и бура.

Ситуацијата не е поинаква ни во Европа. На повисоките места во делови од Германија температурата достигна до -10 целзиусови степени. Врнежи од снег ги изненадија и жителите на Киев каде снежната покривка достигна 10 сантиметри, при што голем број на летови беа откажани.

Снегот го отежна сообраќајот на автопатот кој ги поврзува Прага и Дрезден во пограничниот предел во планинскиот терен, каде снежната покривка достигна неколку сантиметри, а слична е состојбата и на истокот на Чешка. Невреме и заладување во овој дел на Европа се очекува до крајот на неделата.