Субвенциите во земјоделието под лупа

0
727

Во последниот извештај на Светската банка во која се оценува трошењето на јавните пари се предлага Владата да размисли за намалување на обемот и подобрување во таргетирањето на субвенциите во земјоделието.

“Владата на Македонија води многу дарежлива програма за земјоделски субвенции која опфаќа 90% од вкупниот буџет за земјоделието кој од 130 милиони во 2013 година е зголемен на 150 милиони евра во 2015 година. Земјоделските субвнции по хектар се над европскиот просек”, се вели во Изештајот

Вчерашното присуство на заменик министерот за земјоделие во битолскиот регион го искористивме да ја прокоментира оваа констатација

-Една од главните цели за ваквиот вид на субвенционирање даде одредени резултати, и можам да кажам дека се добредојдени сите предлози во делот на начинот на субвенционирање, начинот на структуирање по одредени култури. Главната цел ја имаме постигнато. Зголемување на производството на овошје и зеленчук, зголемување на вредноста на извозот на зеленчукот и овошјето и зголемување на вредноста на обемот на производство на преработки од овошје и зеленчук, изјави Ванчо Костадиновски заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Светската банка посочува дека иако целта на програмата за земјоделски субвенции е да се зголеми конкурентноста, најголем дел од субвенциите одат како поддршка на приходите, а само мал дел се инвестираат. Понатаму, во специфични сектори, како што е на пример производството на тутун, субвенциите покриваат значителен дел од трошоците за производство, што прави дисторзија на инвестициските стимулации. Во исто време, се вели во Извештајот, многу мал дел од субвенциите одат за поддршка на производите кои имаат поголем удел во извозот.Но Костадиновски објасни дека сепак субвенционирањето дава позитивни резултати,

-Вредноста на извозот во 2006 година на примарните земјоделски производи изнесува 242 милиони ева а во 2015, 500 милиони евра. Од аспект на вредност на преработките од овошје и зеленчук во 2006 година сме имале 39 илјади тони од примарни земјоделски производи од овошје и зеленчук, а сме имале некаде околу 39 милиони евра како вредност , во 2015 година имаме вкупно производство некаде околу 50 илјади тони преработки и 52 милиони евра како вредност, што значи со сите овие мерки сме постигнале некаде во некои области и гранки, дуплирање на производството и по обем и по вредност, изјави Ванчо Костадиновски заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Светската банка препорачува да се намали вкупното ниво на земјоделски субвенции, поголем дел од субвенциите да се насочат кој јавни добра кои ќе ја зголемат продуктивноста во земјоделието, како на пример, водната инфраструктура, и подобрување на таргетирањето и распределба на субвенции на оние земјоделци кои навистина имаат потреба од нив, а не како досега, субвенциите да бидат главно поддршка на приходите на земјоделците.