Судир меѓу грчката полиција и мигрантите на Лезбос

0
247

Нови судири меѓу грчката полиција и мигрантите избувнаа во пристаништето Митилини на егејскиот остров Лезбос, при што интервентните сили морале да применат сила против Авганистанците кои се обиделе насила да се качат на траект во саботата навечер.

Околу 500 Авганистанци по протестот во пристаништето Митилена, се упатиле кон траектот „Tera Jet“, кој грчката влада го изнајми за превезување на мигрантите од островот Лезбос, го заземале просторот кај влезната рампа обидувајќи се да се качат на траектот и да бидат пренесени до Пиреја, пренесува телевизијата Skai. Притоа, тие не биле регистрирани, и не им е утврден идентитетот според прописите за влез на бегалците и мигрантите на територијата на Европската унија.

Тоа беше причина за интервенцијата на специјалните полициски сили, која ги одбила мигрантите. Во судирот се повредени четири лица, на кои им била укажана прва помош, се наведува во прилогот на телевизијата.

Претходно во Митилена, исто така, имаше судир меѓу полицијата и мигрантите. Во петокот утрото околу илјада Авганистанци со повиците „Атина! Атина!“ се обидоа да се качат на траектот „Blue Star 1“, кој исто така е изнајмен за превезување на мигрантите. Полицијата и крајбрежната стража успеаја да го спречат заземањето на бродот, употребувајќи солзавец и шок бомби.

Од пред неколку дена во пристаништето Митилена пристигнаа илјадници бегалци, претежно од Авганистан. Нивниот точен број грчките власти сé уште не успеаја да го утврдат. Мигрантите поставија стотици шатори во центарот на градот и во околината.

„Целиот јавен простор се претвори во огромен камп. Шаторите го прекрија целото пристаниште, шеталиштето крај брегот, плоштадот Киоски, градскиот парк, паркот Света Ирина, како и пооддалечениот парк Карапанајоти“, пренесе репортерот на телевизијата.

Поради сé поголемат нервоза меѓу мигрантите, во саботата биле регистрирани десетици помали инциденти во кои морала да интервенира полицијата и крајбрежната стража, настојувајќи да ги спречат луѓето да се пробијат до пристаништето од каде сакаат да дојдат до Пиреја, а потоа по копно да го продолжат својот пат до Македонија, па преку Србија да влезат во Унгарија, па оттаму во Австрија./крај/мф/сн