Судир меѓу мигрантите и полицијата кај Идомени

0
438

Расте нетрпението и револтот меѓу 11-те илјади мигранти и бегалци кои во моментов се наоѓаат во кампот во Идомени, каде заглавија откако се затвори балканскиот коридор.

Тоа доведе до нови судири меѓу мигрантите и грчката полиција, откако тие се обидоа насилно да влезат во Македонија.

Претходно лажни гласини ги привлекоа мигрантите да се придвижат кон македонско-грчката граница каде чекаа да им биде дозволен влез и не сакаа да се вратат назад, откако им беше кажано дека се изманипулирани.

Грчките власти почнаа да го организираат нивниот транспорт во прифатните центри, ама поголемиот дел од нив одбиваат да влезат во автобусите за камповите во Вериа и Катерини.

Портпаролот на Канцеларијата за координирање на миграциската политика Јоргос Кирицис изјави дека властите се мачат да се изборат со лажните гласини на социјалните мрежи дека границите повторно можат да бидат отворени.

Грчката Влада соопшти и дека ќе постави звучници на границата со Македонија со цел да ги убедува илјадниците бегалци и мигранти, кои се наоѓаат таму да ги игнорираат гласините дека балканската маршрута кон Централна Европа повторно ќе биде отворена.