Свечено отворена Спомен куќата на Татарчеви во Ресен

0
438

Денеска во Ресен беше промовирана музејската поставка на Христо Татарчев,еден од основачите на македонската револуционерна организација.министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека преку возобновувањето на Домот на Татарчеви воедно длабоко се поклонуваме пред големата жртва и придонесот на нашите револуционерни дејци кои целиот свој животен век го посветија на изворната идеја за самостојна и независна македонска држава на Балканот.

– Градот Ресен, но и Република Македонија добиваат еден нов културен дом во кој е содржана идејата да се претстават најзначајните личности од историјата на Македонската револуционерна историја кои се поврзани со животот и делото на Христо Татарчев, како и личности кои потекнуваат од овој крај и кои со своите интелектуални и дипломатски потенцијали ја одбележале балканската историја, изјави Елизабета Канческа Милевска, министер за култура

Ентериериерот на Спомен куќата на Татарчеви е амбиентално облагороден со оригинални предмети од куќата на Татарчеви од крајот на 19. и почеток на 20. век. Во куќата се изложени 8 восочни фигури, како и сликарски композиции кои бележат историски моменти, односно Ресенското советување на Македонската револуционерна организација-МРО во 1894 година и Ресенската чета на војводата Славејко Арсов, кои денес, меѓу другите посетители ги погледна и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

Општина Ресен очекува со отворањето на Спомен куќата на Татарчеви директно да се влијае врз развојот на монументалниот туризам за кој тамошната локална самоуправа континуирано се залага, истакна градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски.

– Спомен куќата на Татарчеви претставува своевиден ресенски храм на македонскиот непокор, место каде се одржало првото советување на МРО. Оваа куќа денес ја издигнуваме во место каде што сегашните и идните генерации Македонци ќе може директно да сведочат за големината на ликот и делото на д-р Христо Татарчев, изјави Ѓоко Стрезовски градоначалник на Ресен

Музејот на Татарчеви покрај улогата на жив учебник истовреме ќе претставува објект кој директно ќе помогне во зголемувањето на туристичкиот капацитет и понуда на општина Ресен, потенцира Стрезовски