Сведочењето на Илиевски клучно за настапот на Лацио во ЛШ?

0
170

Само неколку денови откакако со победата над Наполи изборија пласман во кавлификациите во Лигата на шампионите, во фудбалскиот клуб Лацио е соочуваат со големи проблеми, кои се поврзани со истрагата за местење на натпревари во Италија.

Проблем за Лацио би можеле да бидат натпреварите против Џенова и Лече одиграни во 2011 година, иако при првата истрага италијанскиот суд ги отфрли обвиненијата против римскиот клуб.

„На Лацио му се заканува ифрлање од Лигата на шампионите“, рекол генералниот секретар на Федербет (организација на сопственици на казина и букмејкери), Франческо Баранка.

Според Баранка, постои можност истрагата за спорните две средби да биде повторно отворена, а тој тврди дека клучно е сведочењето на Македонецот Христијан Илиевски пред судот во Кремона.

Илиевски ѝ се предаде на италијанската полиција, која имаше распишано потерница по него, кон крајот на април. Според италијанските власти, тој со уште неколкумина други лица бил задолжен да остварува директен контакт со фудбалерите.

Доколку тврдењата на Баранка се покажат како вистинити, тогаш се поставува прашањето како ќе реагира УЕФА, односно дали ќе биде доведено под знак прашалник учеството на Лацио во Лигата на шампионите.

Од Лацио изјавија дека не се загрижени поради изјавите на Баранка и сведочењето на Илиевски.

„Мислењето на Баранка е субјективно и истото не е поткрепено со никакви докази. Ваквите изјави за кои тој нема покритие само го нарушуваат мирот во клубот, меѓу играчите и навивачите“, стои во соопштението на Лацио.

Инаку засега нема никаква официјална потврда дека италијанските власти повоторно ќе ги отворат случаите за средбите кои Лацио ги одиграл во 2011 година против Џенова односно Лече./крај/мф/нц

Copyright 2015 makfax Сите права се задржани. Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Мakfax