Светот има само три години за да го спаси човештвото

0
433

Светот има само три години за да ги намали емисиите на јаглерод диоксид пред да стане предоцна, предупредува група климатолози и научници, јави ДПА.

Ако годишните емисии продолжат да растат и по 2020 година или дури и ако останат на стабилно ниво, температурните цели утврдени со Парискиот климатски договор, речиси нема да бидат исполнети, велат научниците во напис објавен во списанието „Нејчр“.

Авторите посочуваат дека до 2020 година во шест сектори – енергетика, инфраструктура, транспорт, индустрија, финансии и користење на земјиштето може да биде постигнат значителен напредок во намалување на емисиите.

Авторите на статијата ги повикуваат лидерите на Г-20 да признаат дека 2020 година е критична година за утврдување на амбициозни цели во областа на климатските промени и да разговараат за тоа како да се обезбеди просперитетна, сеопфатна, меѓусебно поврзана, флексибилна и отпорна глобална економија.

Статијата е дело на шестмина специјалисти за клима, вклучувајќи ја и Кристиана Фигерес, поранешен извршен секретар на Рамковната конвенција за климатски промени на ОН. Под статијата потпис ставија и 60 научници, економисти, бизнисмени и политичари. Фигерес е на чело на новата кампања, наречена Мисија 2020, која бара итни активности за намалување на гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.

Експертите велат дека глобалните емисии на јаглерод диоксид од фосилните горива се стабилизирале во последните три години, по растот што го имаа со децении, што е добар знак дека политиката во областа на климата дава резултат.

Има речиси едногласен меѓународен консензус дека ризиците од препуштање на планетата на климатските промени се премногу големи за да бидат игнорирани, се вели во статијата.

Авторите признаваат дека е во тек транзиција кон нискојаглеродна енергија, но додаваат дека претстои долг пат кон целосното декарбонизирање на светската економија.

Според експертите, во 2020 година обновливи енергии треба да претставуваат најмалку 30 проценти од светските енергетски резерви. Во 2015 година тие изнесуваа 23,7 проценти.

Авторите на статијата велат дека по 2020 година, градовите и државите во светот требаат да почнат да работат на акциони планови за целосно декарбонизирање на зградите и инфраструктурата до 2050 година и дека електричните автомобили треба да сочинуваат најмалку 15 проценти од продажбата на нови автомобили на глобано ниво. Во 2016 година уделот на електричните автомобили изнесуваше само еден процент.