Светска премиера на Бикини мун на Манчевски во Бразил

0
351

„Бикини Мун“, петтиот игран филм Милчо Манчевски, синоќа ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, најголемиот фестивал во Латинска Америка и еден од најголемите во светот. Филмот беше дел од програмата специјални презентации.
Манчевски беше присутен на премиерата и за разговор со бразилската публика.
Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ што освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и Латинска Америка тие се дел од наставната програма.
„’Бикини Мун’, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите.

– Инспирација беше доминацијата на снимање денес – од прислушување на Големиот Брат до селфи на Фејсбук. ‘Бикини Мун’ – како и моите досегашни филмови – зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат-вели Манчевски.
„Бикини Мун“ е сниман во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада.

Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учестува Македонија.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија наШекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“.
Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

Музиката е на Игор Василев Новоградска, тој е единствен соработник од Македонија на овој филм.

Манчевски на годинешното издание на ИФФК Браќа Манаки во Битола, ја освои специјалната Златна камера 300 за посебен придонес кон филмската уметност.