Светскиот виолинист Роби Лакатош викендов во Битола

0
613

Центарот за култура-Битола ги привршува подготовките за претстојното гостување на светски познатиот виолинист Роби Лакатош.

Заедничкиот концерт со Камерниот оркестар на Битола е закажан за 26-ти март во големата сала на Центарот за култура.

Врвниот виолинист, виртуозот на „Чардашот”- Роби Лакатош за прв пат ќе гостува во Битола. Тој не е само виртуоз, со неговата уникатност и стилска разновидност создава магија на сцената. Со леснотија ја комбинира класичната музика, со џез и унгарски фолклорни елементи.

Лакатош настапувал на најпознатите фестивали во Европа, Азија и Америка, заедно со најголемите џез имиња како Херби Хенкок, Квинси Џонс, Стефан Грапели.

Неговото музицирање се развива во рамките на Бела Барток конзерваториумот во Будимпешта, каде во 1984 година ја освоил првата награда за класична виолина. Во периодот од 1986 до 1996 година, тој и неговиот ансамбл ја воодушевуваа публиката во Брисел, нивниот музички дом.