Талибаните ја преземаа одговорноста за нападот на базата на НАТО во Авганистан

0
233

Радикалното исламско движење Талибан ја презема одговорноста за експлозијата од саботата утрото во базата Баграм којашто ја користат американските и силите на НАТО во Авганистан, во покраина Парван на истокот од земјата.

Во експлозијата загинале најмалку четири лица, а уште 12 се ранети, изјави за Reuters Абдул Шокор Кодоси, гувернер на дистриктот Баграм, според кого експлозијата се случила под нејасни околности.

Портпаролот на талибаните, Забиула Муџахид подоцна објави на Twitter соопштение во коешто се вели дека исламистичките бунтовници се одговорни за нападот во базата која е блиску авганистанската престолнина Кабул.

Мисијата на НАТО во Авганистан „Решителна поддршка“ (Resolute Support Mission), во чиишто рамки Алијансата изведува обука и дава помош на авганистанските безбедносни сили, ја потврди информацијата за експлозијата и потврди дека има четири жртви и оти повеќе од десет се ранети, но не го соопшти нивниот идентитет и националност.

Воздухопловната база Баграм често е целна напади на талибанските милитанти, Минатиот декември напаѓач активираше експлозив во близина на базата, кога беа убиени шест американски војници.

Саботниот напад на талибаните доаѓа откако беше нападнат во четвртокот ноќта германскиот конзулат во северниот град Мизар-и-Шариф, кога загинаа четири лица а ранети беа повеќе од стотина.

Исламистите тогаш соопштија дека нападот во Мизар-и-Шариф е одмазда за воздушните напади во близина на северниот град Кундуз минатата седмица, кога загинаа повеќе од 30 цивили.