Театарската школа Бабец, претстави од Хрватска и Шведска го отворија 5-тото издание на Битолино

0
918

Синоќа во Центарот за култура во Битола официјално беше отворен ИДТФ Битолино 2015 кој оваа година слави јубилеј од пет години од своето постоење. Првиот фестивалски ден започна со претстава која е во официјална конкуренција на долгогодишните пријатели на ИДТФ Битолино а воедно и минатогодишните победници на фестивалот „Мала Сцена“ од Загреб, Хрватска. Претставата е со наслов „Не, не ти! Или за разликите“ во режија на Нора Крстуловиќ. Како и секоја година така и оваа Мала Сцена дојде со претстава која носи многу голема порака и е посветена на проблемите со кои одредени деца се среќаваат.

Честа да го отворат свечено петтото издание на ИДТФ Битолино им припадна на децата од театарската школа „Бабец“ со краткиот перформанс создаден по идеа и текст на Јулијана Мирчевска со наслов „Тажната Нула“. Оваа приказна беше пренесена низ играта на 15 деца кои низ комични и лирични моменти покажаа дека иако малечки се свесни за светот во кој живееме и дека почитта едни меѓу други не прави само посилни а со тоа и помоќни да создаваме подобар свет.
За крај на првиот фестивалски ден се одигра претставата „Звучи – Зун Зун!“ во продукција на театарот од Лунд, Шведска SAGOHUSET што во превод значи „Дом на бајките“.
Овој театар секоја година има повеќе од 400 изведби на свои претстави во јужниот дел на Шведска и насекаде низ светот. Претставата „Звучи – Зун Зун!“ заедно со децата ја истражува музиката, животот, движењата, емоциите, тишината и мирот.
Денеска на програмата на Битолино во 18:30 часот на Новата сцена при Н.У. Центар за култура Битола ќе биде изведена претставата „Четири басни и Кралицата“ која е во режија на Рути Тамир а во продукција на Ruti Tamir Mime and Theater Company од Модин, Израел, а додека пак во 20 часот во големата сала при Н.У. Центар за култура Битола ќе се изведи претставата „Гласно и тивко“ во режија на Моника Зухрер и Клаус Сивалд а во продукција на Theater Feuerblau од Грац, Австрија.